На 17 октомври 2026 година, на Ветеринарниот факултет во Будимпешта, Унгарија, се одржа регионален состанок на платформата Visegrad Vet Plus, на кој учествуваа претставници на ветеринарните комори и релевантни стручни институции од земјите на Централна и Југоисточна Европа.
На состанокот, Ветеринарната комора на Република Северна Македонија ја претставуваа д-р Жарко Михајлоски, претседател на Комората, и д-р Томислав Николовски, извршен директор.
Платформата Visegrad Vet Plus претставува значаен форум за регионална соработка, размена на искуства и усогласување на ветеринарните политики и професионалните стандарди. Формирана врз основа на соработката меѓу ветеринарните организации од Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, платформата со текот на годините го проширува својот регионален опфат, вклучувајќи претставници и од други европски земји.

Во фокусот на состанокот беа актуелните предизвици со кои се соочува ветеринарната професија, со посебен акцент на:
• Епидемиолошката состојба во регионот, особено во однос на заразните болести од категоријата А и прекуграничната соработка во нивното спречување и контрола;
• Професионалната етика, дисциплинската одговорност и усогласувањето на етичките и дисциплинските кодекси на ветеринарните комори;
• Зголемениот број претставки од сопствениците на животни и улогата на ветеринарните комори во нивното разгледување;
• Регулативата за ветеринарно-медицинските препарати и практичните предизвици што произлегуваат од нејзината примена;
• Статусот, правата и обврските на ветеринарните парапрофесионалци и нивното место во системот на ветеринарната дејност.
Со состанокот претседаваа Марек Кубица од Полска и Жолт Пинтер од Унгарија, а во стручниот дел учествуваа истакнати претставници на европските и националните ветеринарни организации.
Претседателот на Федерацијата на ветеринари на Европа (FVE), Зигфрид Модер, и претседателот на Унгарската ветеринарна комора, Ференц Геренчер, се осврнаа на актуелните европски политики и положбата на ветеринарните практичари.
Посебно внимание беше посветено на регионалната епидемиолошка состојба, претставена од Атила Бонц, претставник на унгарската национална институција NÉBIH, како и на искуствата во справувањето со заразните болести кај животните, презентирани од делегациите на Албанија, Грција и Србија.
Претставниците на ветеринарните организации од Австрија и Германија ги презентираа искуствата во регулирањето на ветеринарните парапрофесионалци, додека претставниците на Унгарската ветеринарна комора ги изложија резултатите од компаративната анализа на етичките и дисциплинските кодекси во земјите учеснички.
Учеството на претставниците на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија на овој регионален состанок претставува значајна можност за натамошно унапредување на меѓународната соработка, размена на професионални искуства и следење на европските политики и стандарди во ветеринарната професија.
Ветеринарната комора ќе продолжи активно да учествува во регионалните и европските иницијативи насочени кон зајакнување на професионалниот статус на ветеринарните лекари, унапредување на ветеринарната дејност и заштита на интересите на ветеринарната професија во Република Македонија.