На 13.05.2026 година, во хотел „Континентал“ – Скопје, се одржа 30-то Редовно годишно собрание на Ветеринарната комора на Република Северна Македонија.
По утврдувањето на кворумот, Собранието ја започна својата работа со оддавање почит со едноминутно молчење во чест на прерано починатиот д-р спец. Димитар Венев, истакнат доктор по ветеринарна медицина.
Работниот дел започна со поздравно обраќање на претседателот на ВКМ, д-р Жарко Михајлоски, кој го презентираше извештајот за активностите на Комората во периодот помеѓу двете собранија. Во обраќањето беа нагласени главните предизвици со кои се соочува Комората, особено активностите поврзани со решавање на проблемот со неисплатените средства кон ветеринарните друштва со јавни овластувања, како и потребата од зголемување на цените за активностите предвидени со Годишната наредба за здравствена заштита на животните. Извештајот беше едногласно усвоен.
На Собранието беше презентиран и усвоен Финансискиот извештај за 2025 година, според кој ВКМ остварила позитивен финансиски резултат. Надзорниот одбор, преку извештајот презентиран од д-р Рамис Асани, констатираше дека средствата се трошени наменски и целисходно, при што е евидентирана значителна финансиска акумулација.
Надзорниот одбор по трет пат ја истакна потребата од корекција на износот на членарината, пред сè поради потребата од долгорочно и стабилно буџетирање на Комората. Беше предложено членарината од 2027 година да изнесува 3.600 денари годишно, што претставува износ кој се плаќал до 2007 година. Предлогот беше усвоен со мнозинство гласови од присутните делегати.
Претседателот на Стручниот одбор, проф. д-р Ромел Велев, поднесе извештај за работата на Одборот, со осврт на активностите поврзани со издавањето, продолжувањето и обновувањето на лиценците за работа на докторите по ветеринарна медицина, како и процесот на акредитација на настани за континуирана едукација. Посебен акцент беше ставен на заштитата на процесот на организирање континуирана едукација, како дел од јавните овластувања на ВКМ.
Со оглед на тоа што мандатот на актуелните тела и органи на Комората завршува ова лето, а имајќи ги предвид летните годишни одмори, Собранието донесе едногласна одлука, согласно Статутот, за продолжување на мандатот на органите и телата на Комората до 15 октомври 2026 година, како краен рок за завршување на изборниот процес.

До тој период, како клучна задача на раководството на Комората останува решавањето на егзистенцијалните проблеми на ветеринарните друштва вклучени во активности од јавен интерес.
На крајот, претседателот на Комората им се заблагодари на делегатите за конструктивното учество во работата на Собранието, упатувајќи повик за единство и нагласувајќи дека Ветеринарната комора останува главен застапник на ветеринарната професија и единствена институција која може да ги обедини сите сегменти на нашата професија.