На покана на Ветеринарната комора на Република Словенија владино-коморска делегација од нашата држава, во состав д-р Верче Мицевска, Национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, д-р Жарко Михајлоски, претседател на Ветеринарната комора, д-р Рами Селмани, потпретседател на Комората и д-р Томислав Николовски, извршен директор на Комората, оствари официјална работна посета на Република Словенија.
Во рамките на посетата беа одржани средби со претседателот на Словенечката ветеринарна комора д-р Томо Ванкмулер, директорката на Комората д-р Анита Кермавнар и претседателот на Секцијата на практичари при ВЗС д-р Марјан Тацер, а делегацијата имаше чест да се сретне и разговара и со државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и храна на Република Словенија г-ѓа Маша Жагар, како и со генералната директорка на Директоратот за храна, ветеринарство и рибарство д-р Ана Ле Маресал Колар. Посебно значајна беше средбата на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот во Љубљана каде делегацијата беше пречекана од деканката проф. д-р Бреда Јаковац Страјн, а во рамки на програмата беа посетени и ветеринарни клиники во регионите Прекмурје и Горенска, каде македонските претставници одблиску се запознаа со предизвиците и функционирањето на словенечката ветеринарна служба.

Работната посета уште еднаш ја потврди одличната соработка меѓу двете комори и заложбата за нејзино понатамошно унапредување преку размена на искуства, знаења и добри практики, со што се отвораат нови перспективи за продлабочување на билатералните односи и заеднички активности во интерес на професијата и заштитата на јавното здравје.