Новoизбраното Статутарното тело на FVE во Брисел , Белгија го одржа својот прв состанок под претседателство на Дитмар Герстнер, претставник од Ветеринарната комора на Австрија.
Статутарното тело на ФВЕ има задача да ја следи и опфаќа надлежностите кои ја регулираат ветеринарната професија преку изработка на соодветни документи, препораки и соопштенија кои можат да се користат од националните комори во имплементацијата на одредбите во своите национални закони и подзаконски акти.

Гордост и чест за Ветеринарната комора на Македонија е тоа што член и учесник на ова тело е проф. д-р Влатко Илиески, со што нашата земја активно придонесува во европските процеси и политики поврзани со ветеринарната професија.
На првиот состанок од работното тело се одредија приоритетите на кои ќе се работи во наредниот период:
✓ Ажурирање на Европскиот професионален Кодекс на однесување во ветеринарната професија кој претставува збир на стандарди кои ја специфицираат ветеринарната етика и принципите на професионално однесување.
✓ Ревизија на „Ветеринарниот акт“ – документ кој ги содржи дејностите (интервенциите) што произлегуваат од квалификацијата доктор по ветеринарна медицина.
✓ Изработка на документ за ветеринарната корпоратизација со осврт на регулирање на приватниот капитал од големите корпорации во ветеринарната медицина. Во тој контекст ќе се разгледуваат одредбите за регистрирање на ветеринарна пракса и дефинирање на одговорноста кога некој што не е ветеринар поседува ветеринарна клиника.
✓ Мапирање на состојбата во врска со ветеринарните техничари кои за потребите на законодавството се овластуваат од статутарното тело за извршување на одредени задачи.
✓ Ажурирање на документот со кој се дефинира поимот „доктор по ветеринарна медицина“.
Дневниот ред беше надополнет и со двајца гости-предавачи:
• Марчин Баран (Европска комисија), кој ја сподели перспективата на ЕУ и активностите за обезбедување ветеринарни услуги преку презентација на критичните точки во имплементацијата на ЕУ директивата за признавање на професионални квалификации.
• Карин Далк и Сабин Ламберт (Vet Oxygène), кои ја презентираа нивната дигитална платформа за обезбедување на пазарот на трудот со ветеринарни привремени услуги во Белгија.