Од 16. до 18. Мај во Нови Сад, Р. Србија, беше одржан пролетниот состанок на членките на Вишеградската Вет + група на Ветеринарни комори, на кое свое учество имаше и Ветеринарната комора на Р. Македонија, претставена од Претседателот на Ветеринарната комора, Д-р Жарко Михајлоски и Извршниот директор Д-р Томислав Николовски. На состанокот беа присутни претставници на Ветеринарните комори од 16 држави и највисоките претставници на Федерацијата на ветеринари на Европа (FVE), Претседателот Д-р Зигфрид Модер и Претседателот на Европската унија на ветеринарни практичари (UEVP), Д-р Фолкер Мозер. Свое излагање имаше и регионалниот претставник на Светската организација за здравје на животните (WOAH) за Европа Д-р Будимир Плавшиќ, кој ја истакна важноста на регионалната соработка и спремноста на ветеринарната служба.
На состанокот беше разгледана моменталната епизоотиолошка состојба во Европа, со посебен осврт на појавата на болеста Лигавка и шап кај говедата во Германија, Словачка и Унгарија, состојбата со Чумата кај малите преживари (PPR), појавата на Сипаници кај овците и козите во Грција. Исто така беше даден извештај за најновата состојба со Афричката чума кај свињите, Авијарната инфлуенца и присуството на беснилото.

Покрај епизоотиолошката ситуација, беше разгледана и актуелната состојба со ветеринарната професија и предизвиците со кои истата се соочува во современото живеење. Недостатокот на ДВМ во сектор на производни животни и руралните средини, недоволниот интерeс за изучување на ветеринарната медицина, постојаниот психолошки притисок врз ДВМ, се поприсутниот т.н. „burnout“, како и маргинализирање на ветеринарната професија се дел од многуте предизвици со кои се соочува професијата.
Сите присутни претставници ја истакна потребата од итна и неодложна поддршка на ветеринарниот сектор на сите нивоа. Потребна е постојана спремност и подготвеност на секторот за да може да даде квалитетен одговор при појавата и присуството на заразните болести кај животните.