На 13.05.2025 година на барање на Ветеринарната комора на Р. Македонија во кабинетот на Генералниот секретар на Владата се одржа работен состанок.
Домаќин беше Генералниот секретар на Владата на Р.Македонија г-дин Игор Јанушев, Комората беше претставена од Извршниот директор д-р Томислав Николовски и членот на Надзорен одбор д-р Никола Симоновски, а на состанокот присуствуваа и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство г-дин Цветан Трипуновски, Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство д-р Оливер Миланов, Националната координаторка за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика д-р Верче Мицевска и раководителот на одделение за сточарство при МЗШВ г-дин Жарко Димитриевски.
На состанокот претставниците на Комората ги претставија неповолните состојби во ветеринарно-здравствениот сектор, особено значително намалениот буџет за здравствена заштита на животните за 2025 година, која во актуелните епидемиолошки прилики на закана од неколку сериозни заразни болести претставува предизвик за спремноста на секторот адекватно да одговори на истите.
Поради тоа се разговараше да се изнајдат начини да се обезбедат адекватни материјални средства од буџетот на државата за корекција на цените за активностите од јавен интерес, согласно инфлаторните текови и зголемувањето на животните трошоци , како и да се прошири листата со мерки за здравствена заштита на животните кои Ветеринарните друштва би ги извршувале во претстојниот период.
Намалувањето на ДДВ за ветеринарни услуги од 18% на 5% беше повторно реафирмирано како мерка која значително ќе го олесни работењето на Ветеринарните друштва , како и повторното враќање на дејноста ДДД (дезинфекција, дезинсекција и дератизација) во рамките на ветеринарно-здравствениот сектор како дополнителен ангажман кој иманентно е дел од опсегот на работа на ветеринарно-здравствената служба.
Состанок се одржа во конструктивна атмосфера на разбирање за потребата од преземање на брзи и адекватни мерки за подобрување на состојбите во ветеринарниот сектор.