На 7 октомври 2017 година во Вишеград, Будимпешта, Р. Унгарија се одржа редовната есенска Конференција на групацијата на Ветеринарни комори тнр. Вишеград V4Vet+ која ја сочинуваат коморите на Унгарија, Полска, Чешка, Словачка, Романија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, Црна Гора , Босна и Херцеговина (Р. Српска) и Грција.
На конференцијата како земји гости присуствуваа и делегации на Коморите на Албанија и Баварија (Сојузна Република Германија), претседателот на Европската Федерација на Ветеринари (FVE) д-р Рафаел Лагуенс, претставници на дипломатскиот кор на земјите учеснички, меѓу кои Амбасадорот на РМ во Будимпешта д-р Игор Есмеров, како и високи државни функционери на земјата домаќин.
Македонската делегација ја сочинуваа Претседателот на ВКМ д-р Томислав Николовски , Потпретседателот д-р Рами Селмани и проф. д-р Влатко Илиески, овластен претставник на ВКМ за меѓународна соработка и проектни активности.
Работата на конференцијата беше фокусирана на анализа на состојбите во ветеринарната професија на земјите учеснички , со посебен осврт на епидемиолошката ситуација , при што посебен акцент беше ставен на болеста на јазлеста кожа кај говедата , како и на болеста која се заканува на источните граници на Европа- Африканската свинска чума.
Со задоволство соопштуваме дека на крајот на сесијата за домаќин на пролетната конференција на групацијата V4Vet+, која треба да се одржи во мај 2018 година беше предложена Ветеринарната комора на РМ и истата е прифатена од наша страна.
Исто така присуството на конференцијата беше искористено за детализирање на постапките за воспоставување на формална билатерална соработка со Комората на Р. Словенија, како и започнување на разговори за воспоставување поблиски релации со Ветеринарната комора на Баварија , за што е покажан заемен интерес.