Како дел од меѓународната соработка Ветеринарната комора на Република Македонија потпиша Договор за Соработка со Унгарската Ветеринарна Комора.
На покана на Унгарската комора, Делегација од Ветеринарна комора на Република Македонија предводена од д-р Томислав Николовски, претседател на Комората, проф.д-р Влатко Илиески, претседател на Стручен одбор на Комората и Амбасадорот на Република Македонија во Република Унгарија д-р Игор Есмеров, од 14 до 17 април ја посетија Унгарската комора со цел да се разгледаат и дискутираат целите на соработка помеѓу двете Комори.
Интерес на договорените страни е континуиран развој на ветеринарната професија, подигање на дигнитетот на докторите по ветеринарна медицина, здравјето на животните и на луѓето како и грижа за благосостојбата на животните, со што во земјите потписнички на овој Договор, како и во регионот и Европа се врши промовирање на лична и социјална благосостојба.
Двете комори ќе соработуваат по прашања кои се однесуваат на професионалните здруженија и професионалниот развој на членовите, како и застапување на заедничките интереси. Взаемно ќе работат на развој на дигнитетот на ветеринарната професија и работата на јавните тела.
Освен билатерална соработка во наведените области, Страните ќе соработуваат и во рамките на земји членки на Вишеградската група плус и со трети страни, како и со Федерацијата на ветеринари на Европа (ФВЕ) и нејзините секции, притоа водејќи грижа за интересите на своите членови.
Како дел од соработката меѓу Страните постојано ке се бараат можности за размена на успешни програми за професионален развој и обука на своите членови со предавачи кои ќе го обавуваат стручното усовршување и оспособување.
Страните меѓу себе ќе ги признаваат и прифаќаат бодувањата од континуираната едукација како задолжителна програма за стручно усовршување.